IN MEMORIAM Д-р Виктор Исјановски

Со длабока тага ја примивме веста за прераната смрт на д-р Виктор Исјановски, супспецијалист по психијатрија и долгогодишен здравствен работник.
Д-р Исјановски е роден во Скопје во 1978 година. По завршувањето на средното образование, продолжил на Медицинскиот факултет при УКИМ „Св. Кирил и Методиј“, каде што дипломирал во 2003 година. Во текот на студиите, престојувал на Универзитетот во Мајами-Калифорнија, САД, стекнувајќи драгоцено меѓународно искуство.
Неговиот професионален пат започнува во 2004 година во Казнено-поправната установа „Идризово“, а во 2006 година се приклучува на тимот на ЈЗУ „Психијатриска болница Скопје“. Д-р Исјановски се посветил на понатамошна едукација, па во 2007 година завршува специјализација по психијатрија. Истата година е избран за асистент на Катедрата по психијатрија при Клиниката за психијатрија во Скопје.
Во 2012 година, тој станува доктор на медицински науки во областа на психијатријата, а во 2019 година ја завршува и супспецијализацијата по социјална психијатрија. Неговите знаења и истражувања се преточени во многубројни научни трудови објавени во медицински списанија, како и презентации на стручни состаноци во земјата и странство.
Од 2021 до 2024 година, д-р Исјановски со посветеност ја извршуваше функцијата директор на ЈЗУ „Здравствен дом – Скопје“.
Д-р Виктор Исјановски ќе остане запаметен како лекар кој несебично се грижеше за здравјето на граѓаните и остави свој печат во управувањето со одделни сегменти на здравствениот систем во нашата земја во време на пандемија. Неговото заминување е голема загуба за здравствениот систем и македонското општество.
Лекарска комора изразува сочувство до неговото семејство.