IN MEMORIAM Д-р Алириза Османи

Со длабока тага ја примивме веста за смртта на д-р Алириза Османи, кој почина по кратко боледување на 17 август 2025 година. Роден на 31 октомври 1963 година во Куманово, д-р Османи ќе остане запаметен како исклучително посветен лекар и хуманист.
Својата медицинска едукација ја започнал на Медицинскиот факултет при Универзитетот за медицина и фармација во Клуж-Напока, Романија, каде дипломирал во 1992 година. Уште од почетокот на својата кариера, д-р Османи покажал голема страст и посветеност кон својата професија.
За време на неговата богата кариера, д-р Османи двапати бил директор на Општата болница во Куманово, каде со својата визија и лидерство значително го подобри квалитетот на здравствените услуги. Бил и активен член на Комисијата за рурален развој при Лекарската комора, посветувајќи се на подобрување на здравствената заштита во руралните средини.
Неговата работа била препознаена и надвор од границите на државата, како почесен конзул на Романија, што е уште една потврда за неговиот професионален и дипломатски ангажман. Д-р Алириза Османи бил добитник на бројни награди и признанија за неговиот придонес во медицината. Тој беше сакан сопруг и горд татко на две деца, кои беа неговата најголема поддршка и инспирација.
Неговото заминување е огромна загуба за семејството, за здравствениот систем и за целата заедница.
Лекарската комора изразува сочувство до семејството и блиските.