На сила измени на Законот за здравствена заштита
Се поедноставува процедурата за доделување концесија на матичните лекари
Стапуваат на сила измените на Законот за здравствената заштита со што се поедноставува процедурата за доделување концесија за користење простор и опрема на тим кој работел најмалку една година во истиот простор во соодветната здравствена установа, при што првиот тим поради која било причина го прекинува користењето на просторот.
Лекарската комора беше иницијатор за креирање на овие законски измени, бидејќи лекарите се соочуваа со проблем, најчесто во случај на остварување на правото за пензионирање, ординацијата да мора да се затвори, а другиот доктор кој е вработен во здравствената установа како матичен лекар ако сака да продолжи да работи како концесионер да мора од почеток да ја помине целата постапка, што го нарушуваше континуитетот на обезбедување на здравствена заштита и претставуваше непотребно административно оптоварување.
Неодамна, на иницијатива на Лекарската комора беа донесени и измени на Законот за здравствено осигурување со кои се овозможи во здравствена установа со најмногу два тима, во случај на престанок на работниот однос на избраниот лекар, лекарот одреден за замена, а кој е вработен во истата установа, да продолжува да дава здравствени услуги на пациентите на избраниот лекар, за што добива 70% од капитацијата за сите пациенти евидентирани кај избраниот лекар на кој му престанал работниот однос, во период од шест месеци од престанокот на неговиот работен однос. Ако во периодот се вработи нов избран лекар, нововработениот лекар продолжува да ги дава здравствените услуги на пациентите, освен на пациентите кои избрале друг лекар.