Стапуваат на сила измените на ЗЗО
ПЗУ шест месеци ќе добива 70 отсто капитација, во случај кога на матичниот лекар ќе му престане работниот однос
Стапуваат на сила измените на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување со кои се решава долгогодишниот проблем на приватните здравствени установи во примарната здравствена заштита што се јавува при престанок на работниот однос на матичениот лекар. Со цел да се обезбеди континуитет на пружањето на здравствена услуга за пациентите и финансиска стабилност на здравствените установи, Лекарската комора бараше промени, а законското решение произлезе од преговорите кои се водеа со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.
Со законските измени, во здравствена установа со најмногу два тима, во случај на престанок на работниот однос на избраниот лекар, лекарот одреден за замена, а кој е вработен во истата установа, продолжува да дава здравствени услуги на пациентите на избраниот лекар, за што добива 70% од капитацијата за сите пациенти евидентирани кај избраниот лекар на кој му престанал работниот однос, во период од шест месеци од престанокот на неговиот работен однос. Ако во периодот се вработи нов избран лекар, нововработениот лекар продолжува да ги дава здравствените услуги на пациентите, освен на пациентите кои изберале друг лекар.
Здравствените установи со еден тим, во случај на престанок на работниот однос на избраниот лекар доколку во период од шест месеци вработи нов избран лекар, новоизбраниот лекар продолжува да ги дава здравствените услуги на пациентите на избраниот лекар на кого му е престанат работниот однос. Во период од шест месеци здравствената установа добива 70 отсто од капитацијата.