Средба на Лекарска комора и министерот Сали за измени на ЗЗЗ
Претседателката на Лекарска комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова, членови на органите на управување на Комората и претставници на Фармацевска и на Стоматолошка комора остварија средба со министерот за здравство Беким Сали и претставници на Фондот за здравствено осигурување на која се дискутираше за измените на Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на креирање на системски решенија за создавање на подобри услови за вршење на доктoрската дејност како и за реално вреднување на трудот на лекарите.
Во текот на дискусиите претставници на Комората аргументирано и со факти ги образложија дадените предлози и придобивките за здравствениот систем од нивна имплементација и истакнаа подготвеност за понатамошно вклучување со целокупниот стручен капацитет во процесот на дефинирање на законските измени.
Во преговорите беа опфатени повеќе теми меѓу кои и барање матичните пациенти и лиценци да бидат се водат на ПЗУ, ревидирање на мрежата на здравствени установи, обезбедување на стимулации за младите доктори да отвораат ординации како матични доктори и да останат да работа во ПЗЗ, промена на режимот на препишување на лекови, усогласување на ДРГ пакетите на услуги со актуелното зголемување на цените, либерализација на дополнителната дејност на сите нивоа и во јавни здравствени установи и приватни здравствени установи, усогласување на старосната граница за одење во пензија за сите доктори, овозможување на вработување на здравствените работници и соработници за испразнето работно место според систематизација без обезбедување на согласност.
На неколку часовните состаноци беа идентификувани конкретни точки на приближување на ставовите за постигнување на заеднички прифатливи решенија во понатамошните преговори.