VOX MEDICI TEMA
Насилството врз лекарите со вознемирувачка димензија, измени на Кривичниот законик за подобрување на состојбите
Во обид да воспостави непречен проток на пациенти, медицински материјали и здравствен персонал, во јануари годинава, докторка од инфективното Одделение во Општата болница во Охрид стана жртва на напад од пациент, кој пристапувајќи ѝ од зад грб ја давел за вратот со двете раце. Насилството врз докторите доби на интензитет во пандемијата предизвикана од ковид-19, а вербалните напади и закани станаа секојдневен дополнителен притисок во работењето на здравствените работници. Лекарската комора презеде повеќе иницијативи и активности во изминатиот период за подобрување на состојбите. Долгорочно решение се наоѓа во измени на законската регулатива со кои нападот врз здравствен работник на работно место ќе се смета за напад врз службено лице и по службена должност ќе се води кривична постапка против сторителот. Досега се направени измени на Законот за здравствена заштита, но за ова да почне да се применува во пракса потребно е да се направи усогласување преку измени и во Кривичниот законик за што е подготвен Предлог-закон кој е во собраниска процедура на носење.
Причините за насилството врз докторите се бараат во постојаниот јаз меѓу очекувањата на пациентите за лесен пристап до широк опсег на висококвалитетни здравствени услуги од една страна и капацитетите на здравствениот систем тоа да го обезбеди од друга страна. Се соочуваме и со зголемено влијание на финансиски ограничувања за добивање на здравствени услуги бидејќи современите лекови и терапии имаат висока цена, како и со недостиг на работна сила во здравствените системи. Исто така, пациентите не може да направат разлика меѓу последиците кои произлегуваат од политичките одлуки и здравствените политики и надлежностите и личната одговорност на докторот. Несериозноста во пристапот на казнувањето на сторителите на нападите, исто така има негативно влијание. Во нашите услови насилството врз докторите, медицинските сестри и другите вработени во здравството седоживува и како рецидив од минатото и резултат на претходните популистички политики со кои се нарушуваше угледот на докторката професија, наспроти нереално димензионирање на правата на пациентите.
Ме нападна од зад грб и избега кога побарав да се викне полиција
Многу пациенти на одделение, некои и со влошена здравствена состојба, нови чекаат за преглед, метеж во ходникот. Таква била сликата на инфективното Одделение на 16 јануари годинава кога беше нападната д-р Лидија Љаткоска.
„Во нашето инфективно Одделение, амбулантата и Одделот се на исто место, поради што се прави поголем метеж. Медицинската сестра ме замоли да направам ред за да има проток во ходникот затоа што болничарите носеа боци со кислород, по што им реков на пациентите кои чекаат за преглед да ги остават здравствените книшки и ќе бидат повикани во амбулантата и влегов внатре. Во еден момент пациентот влезе и ми се фрли да ме дави, револтиран од тоа дека сум се обидела да воспоставам ред. Немавме никаква директна комуникација пред да ме нападне. Среќа што некој кој беше со него му викна „што правиш“ и го тргна, инаку можеше и полошо да биде. Кога побарав да се викне полиција напаѓачот и неговата придружба избегаа од болницата“, раскажува д-р Љаткоска.
Таа додава и дека сите нејзини колеги секојдневно се изложени на вербални напади и работат под голем притисок.
За случајот постапка води Секторот за внатрешни во Охрид, каде делото е категоризирано како прекршочно, односно за нарушување на јавниот ред и мир. Д-р Љаткоска очекува да биде направена поинаква категоризација на делото, односно тоа да биде кривично што ќе одговара со тежината на стореното.
„Не е соодветно во една држава, доктор специјалист кој значителен дел од својот живот го поминал во учење и наука за да им помага на луѓето за заедничко совладување на нивните здравствени проблеми, да биде омаловажуван од една институција која треба да ја штити правдата? Дали тоа значи дека секој ќе може да нападне и притоа да помине со некоја смешна прекршочна казна? Очекуваме ова да биде соодветно променето“, вели д-р Љаткоска, која за случајот води и граѓанска постапка.
Пандемија на насилство врз здравствени работници во светот
Светската здравствена организација проценува дека и до 38% од здравствените работници доживеале физичко насилство во текот на нивниот работен век, а овој процент е драстично повисок доколку се вклучат и оние кои биле изложени на вербално насилство. Во САД за периодот од 2011-2018 година е регистриран пораст на насилни напади над медицински лица за 67%, при што Бирото за трудова статистика на САД проценило дека здравствените работници имаат за петпати поголема веројатност да бидат нападнати на своето работно место во однос на сите други професии.
Во едно истражување на Британската медицинска асоцијација (БМА), во Шкотска, направено во мај 2021 година, речиси девет од 10 општи лекари (87,7 отсто) изјавиле дека тие самите или некој од нивните колеги во текот на изминатиот месец претрпеле вербален или физички напад. Во друго истражување на БМА објавено во август 2021 година, каде биле опфатени 2.478 лекари и студенти по медицина во Англија, Велс и Северна Ирска, нешто повеќе од половина (51%) од општите лекари и 30% од болничките лекари пријавиле дека доживеале вербален напад во изминатиот месец. Истражувањето покажало дека лекарите се соочиле со „загрижувачки нивоа на насилство“ во исто време додека се справувале и со најголемата здравствена криза во поновата историја.
Појавата на вакви инциденти зазела таков обем што Институтот за менаџмент на општа пракса направил видеокомпилација од закани упатени до персоналот на хирургијата, со наслов „Ако умрам, ќе биде твоја вина“. Во видеото се споделува и случај во кој еден пациент ги исекол гумите на автомобилите на тројца вработени во установата, затоа што дента кога се јавил во 17 часот да закаже преглед му било кажано дека ќе мора да почека за термин до следниот ден. Друг, пак, се појавил на операција со чекан.
ОЈО и Кривичен суд без податоци
За да се сфати сериозноста на некоја аномалија и нејзиното влијание во општеството, таа прво треба биде квантифицирана од соодветните институции за да може да се процени нејзината димензија и соодветно на тоа да се преземат мерки. Кога се во прашање нападите врз лекарите во нашата земја во јавно-обвинителскиот и судскиот систем за нив нема никаква евиденција. Податоци единствено дава Министерството за внатрешни работи.
Според податоците кои „Vox Medici“ ги доби од Министерството за внатрешни работи во периодот од 2021 и јануари 2022 година, на територијата на Република Северна Македонија се регистрирани 17 кривични дела, 15 прекршоци, шест поплаки и една вербална закана поврзани со напад врз лекари.
Од регистрираните 17 кривични дела, расветлени се 14 кривични дела и поднесени се 13 кривични пријави против 16 сторители. За три кривични дела во тек се мерки и активности за нивно расветлување. Кривичните пријави се поднесени од: СВР Скопје - четири, по три од СВР Тетово и СВР Штип, две од СВР Битола и една од СВР Велес. Статистиката покажува дека пет кривични дела се „загрозување на сигурноста“,две се „насилство“,по едно кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“, „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“ и „спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“, како и три кривични дела се категоризирани како „напад врз здравствен работник при вршење на здравствена дејност“ од Закон за здравствена заштита.
Од страна на СВР Охрид, за едно кривично дело „загрозување на сигурноста“ доставено е известување до ОЈО, а нерасветлени се две кривични дела “насилство“на подрачјето на СВР Тетово и СВР Велес и едно кривично дело “загрозување на сигурноста“ на подрачјето на СВР Тетово.
Во однос на прекршоците, констатирани се 15 прекршоци, од кои осум прекршоци „физички напад“, потоа четири „омаловажува или навреда на службено лице на државен орган или друга институција која врши јавни овластувања“ и три „карање, викање или непристојно и дрско однесување“ (по пет на СВР Охрид и СВР Скопје и по еден СВР Битола, СВР Штип, СВР Струмица, СВР Тетово и СВР Велес).
Прекршочно се пријавени 11 сторители, а сè уште не се расветлени три прекршоци „физички напад“ на подрачје на СВР Скопје, СВР Тетово и СВР Охрид.
Во изминатата година, од страна на медицински персонал, пријавени се шест поплаки (три на подрачје на СВР Скопје, две на СВР Тетово и една СВР Штип) за што од страна на полицијата писмено се предупредени шест лица.
Еден прекршок „физички напад“ и една поплака случени на подрачје на СВР Скопје се за настани во кои и оштетените и пријавените се медицински персонал.
Од Основното јавно обвинителство, пак, информираат дека не се води посебна статистика на примени кривични пријави согласно професијата на жртвата.
„Од тие причини не сме во можност да ги издвоиме пријавите за напад врз лекари од останатите кривични пријави кои се однесуваат на истородни кривични дела. Од она што би можело да се издвои од досегашното искуство во постапувањето во сите предмети поврзани со напад на определено лице, тоа е генерална препорака ваквите дела да се пријавуваат од сите кои имаат сознанија илидокази за стореното кривично дело. Доколку нападот навремено е пријавен и поткрепен со соодветни докази, кривичниот прогон на сторителот е значително полесен, а со тоа се делува и на општа превенција од ваквите кривични дела“, објаснуваат од Јавното обвинителство.
Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека Кривичниот законик не предвидел кривично дело кое конкретно е поврзано со напад врз лекар.
„Сите кривични дела поврзани со евентуален напад се раздвојуваат единствено кај службените лица кои освен лекари опфаќа и полициски службеници, судии, обвинители, војници, образовен и медицински кадар и сл. Во таа насока, како би добиле конкретни податоци за евентуални кривично – правни настани поврзани со напад врз лекар Ви препорачуваме да се обратите до надлежното Јавно обвинителство кои во фаза на истрага може да направи селекција на службените лица врз кои е извршен нападот, па согласно овие податоци (односно број на обвинителен акт или предлог) да ви обезбедиме дополнителни информации за судските предмети“, се наведува во одговорот од Кривичниот суд.
Оттаму додаваат дека АКМИС системот, според кој се водат судските постапки, овозможува препознавање на оштетените лица кои самите ќе наведат во записник пред судија со што се занимаваат. Па така, во текот на 2021 година решени се четири предмети во кои оштетените навеле дека по професија се медицински или фармацевтски – работници, но ниту еден предмет не е поврзан со насилство.
Потребно е итно носење на измени на Кривичниот законик
Во услови на пандемија која трае веќе речиси две години, лекарите секојдневно се наоѓаат под притисок да одговорат на потребите на зголемениот број пациенти, а заканите, како и физичките и вербални напади, само го отежнуваат пружањето на здравствена услуга и негативно влијаат на нејзиниот квалитет.
„Лекарите и пациенти имаат иста заедничка цел, а тоа e обезбедување на квалитетна здравствена заштита, што може да се постигне преку заедничко делување и соработка. Во услови на пандемија, кај нас како и пошироко во светот, насилството врз здравствените работници стана понагласен проблем. Решение за овој предизвик веруваме дека може да се побара во побрзо носење на измените на Кривичниот законик. Имено, Лекарската комора подолго време лобираше и активно беше вклучена во измени на законската регулатива со кои нападот на здравствен работник на работното место ќе се смета за напад на службено лице за што Јавното обвинителство ќе покренува кривична пријавата по службена должност и за што ќе има кривична одговорност. За ова да стапи на сила се направија измени на Законот за здравствена заштита кои се веќе донесени, како и измени на Кривичниот законик, кои се во собраниска процедура на носење. Апелираме, пратениците во Собранието што побрзо да ги разгледаат и донесат овие законски измени, кои веруваме дека ќе испратат порака дека насилството не ги решава проблемите, туку само дополнително ги комплицира, поради што во случај на спор треба да се бараат системски решенија“, вели проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарска комора.
Проф. д-р Гривчева Старделова открива дека и таа лично, како и многу нејзини колеги била жртва на физички напад од пациент кој иако се случил пред девет години сè уште го памети секој детаљ.
„Инцидентот се случи на дежурство. Прегледував пациентот кој ме нападна вербално и физички кога медицинската сестра му побара да приложи каков било личен документ за да може да се евидентира прегледот и да се издаде извештај. Траумата што се доживува навистина е голема, а загрижувачки е и тоа што негативно влијае на носењето на одлуки од страна на лекарот во процесот на лекување на пациентот. Сум била сведок и на напад на колега кој исто така се случи без никаква причина. Лекарите мора да имаат безбедни услови за работа, мора да се чувствуваат безбедни на работното место, од тоа залагање нема отстапување“, вели проф. д-р Гривчева Старделова.
Лекарската комора континуирано апелира до своите членови секој случај на вербално или физичко насилство на работно место да го пријавуваат кај соодветните институции, но и во Комората, со цел да се пружи помош и поддршка согласно надлежностите.
Во 2017 година во Лекарската комора се потпиша Декларација - Стоп на насилство врз докторите на медицина, стоматологија, фармацевтите, медицинските сестри, техничари, акушерки и другите здравствени работници.
Декларацијата ја потпишаа претседателите на Лекарската комора проф. д-р Калина Гривчева - Старделова, претседателот на Стоматолошката комора, проф. д-р Владимир Поповски, претставникот на Фармацевтската комора м-р Eрол Али, министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, и претседателката на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Република Македонија, Велка Лукиќ.
Потписниците на оваа Декларација се обврзаа, секој во рамки на своите ингеренции, да работи на заштита од насилство врз здравствените работници и соработници, а особено на единствено безбедна средина во која се даваат здравствени услуги, гарантира сигурна, стручна и квалитетна здравствена заштита за пациентите. Декларацијата го потенцира и правото за безбедна работна средина и неопходноста насилството во здравството сериозно да биде сфатено од страна на управителите на сите здравствени установи, како и дека со помош на полицијата и правниот систем мора ефикасно да се справиме со сите негови облици.
Едно од начелата на Деларацијата е и дека плановите за спречување на насилството врз докторите на медицина и стоматологија, фармацевтите, медицинските сестри, техничари, акушерки и другите здравствени работници, мора да се изработуваат на национално ниво, но и во здравствените установи, додека инцидентите на насилство мора да бидат документирани преку систем кој ќе биде обезбеден од страна на Владата и здравствените установи.
Декларација за „Стоп на насилство во здравството“, во средината на септември 2021 г., потпишаа и членките на ЗЕВА, асоцијација во која се обединети 17 комори од земјите на Централна и Источна Европа.
12 март - Европски ден за подигање на свеста за насилството врз лекарите
На 12 март се одбележува Европски ден за подигање на свеста за насилството врз лекарите и другите здравствени работници. Овој ден се користи како прилика за сите национални медицински асоцијации насекаде низ Европа да преземат активности за подигање на свеста за потребата од сузбивање на насилството врз докторите.
„Ги повикуваме европските влади и здравствените власти да постигнат политика на нулта толеранција за насилство врз здравствениот персонал, да им овозможат безбедна работна средина и соодветна лична заштитна опрема додека се во првата линија и да ги распоредат сите неопходни средства за заштита на физичкиот и психолошкиот интегритет на нашите колеги за време на оваа пандемија и пошироко. Овие здравствени работници, на кои им аплаудираме, заслужуваат восхит, почит и заштита“, се вели во соопштението на Европските медицински организации.