Наместо демант
Лекарската комора на Македонија како професионална асоцијација работи согласно важечката законската регулатива и ги спроведува обврските кои произлегуваат од неа. Како дел од системот , Комората не може селективно да ги применува законите кои и одговараат и да ги прескокнува оние законски одредбите кои од различни причини не се во интерес на нејзините членови. Во секоја држава секој треба да ги почитува законските преписи и да делува низ институциите на системот . Иако ова секој (не само правник) треба да го знае и да го применува, практиката кај нас укажува дека некои си дозволуваат спротивно на основните правни догми да толкуваат и даваат свои видувања при тоа наметнувајќи го нивното становиште како апсолутна вистина. Тоа ни се случува и со случајот " дополнителна работа ", односно со временото одземање на лиценцата за работа поради вршење на дополнителна дејност спротивно член 222 и 223 од Законот за здравствена заштита. Не навлегувајќи во правото на секого да актуелизира, коментира и анализира одредени прашања кои се од интерес на докторската професија, фактот што при тоа се премолчуваат клучни одредби од важечката законска регулатива, остава простор за многу дилеми. Со насловот "Место дисциплинска мерка - одземање на правото за работа! " одредени структури се обидуваат на докторската фела да и наметнат стојалиште со кое се доведува во прашања издржаноста на одредени одлуки од органите и телата на Лекарската комора на Македонија и индиректно се импутира дека таа, иако е професионална организација на докторите, работи спротивни на нивните интерес. А тие што се обидуваат да ја " заматат водата " , случајно или не, ги прескокнуваат двете клучни одредби од Законот за здравствена заштита кои се однесуваат токму на дополнителната дејност.
Во интерес на вистината ги цитираме во целост одредбите од Законот кои ја регулираат оваа област, членовите 222 и 223 кои гласат :"
Дополнителна дејност
Член 222
(1) Здравствените работници - специјалисти вработени во здравствена установа кои вршат специјалистичко-консултативна и болничка здравствена дејност со над две години работно искуство во специјалноста можат да укажуваат здравствени услуги како дополнителна работа најмногу осум часа неделно, после редовното работно време, согласно со лиценцата за работа во установа каде што е вработен или во друга здравствена установа која е регистрирана за истата дејност.
(2) Здравствените работници од ставот (1) на овој член, кога имаат намалена работна успешност, немаат право да укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност.
(3) Ценовникот и начинот на вршењето на дополнителната дејност го пропишува министерот за здравство.
(4) Цената на здравствената услуга извршена преку дополнителната дејност е составена од две компоненти и тоа надоместок за трошоците на здравствената установа и надоместокот за тимот, односно здравствениот работник.
(5)Надоместоците од ставот (4) на овој член се уплаќаат на посебна (наменска) сметка на здравствената установа за дополнителна дејност.
(6) Здравствените работници од ставот (1) на овој член склучуваат договор за
укажување на здравствена услуга како дополнителна работа со здравствената установа.
Услови за вршење на дополнителна дејност
Член 223
(1) Здравствениот работник врши дополнителна дејност во рамките на најмногу 30% од обемот и видот на секоја услуга поединечно од вкупниот број на извршени поединечни услуги од тој вид во претходниот месец.
(2) Здравствената услуга извршена преку дополнителна дејност е целосно на товар на пациентот како осигурено и не осигурено лице. Пациентот како осигурено лице нема право да бара надоместок на трошоците за здравствената услуга извршена како дополнителна дејност од Фондот. "
Како професионална асоцијација со јавни овластувања Комората дава голем број иницијативи за подобрување на решенијата во законската регулатива во сите нејзини сегменти па и во делот за дополнителната дејност. Еден од предлозите на Комората е и посебниот Закон за докторска дејност. И во оваа пригода ќе потсетиме дека Комората е отворена за предлози сугестии со кои ќе се подобрат законите од здравствената област особено доколку се издржани и се во интерес на докторската професија, квалитетот на здравствениот систем и статусот на докторите во заедницата. Во спротивно се друго се празни зборови извадени од контекст и употребени по потреба без некоја јасна цел и функција.
Министерството за здравство јавните овластувања ги пренесува на Лекарската комора на Македонија со дадена писмена согласност на подзаконските акти донесени од Собранието на Комората.
проф. д-р Кочо Чакалароски
Претседател на Лекарската Комора на Македонија