пребарување
Се вчитува...
   
 

Коморите и пратениците - доктори заеднички во решавање на проблемите на докторите

07.12.2017

Работна група составена од претставници на Лекарската комора на Македонија, Стоматолошката комора на Македонија, Фармацевтската комора на Македонија, пратеници - доктори, претставници на Фондот за здравствено осигурување на Македонија и на Министерството за здравство ќе работи на Законот за докторска дејност и на другите отворени прашања од здравствениот сектор кои бараат брзо решавање. Ова е договорено на првата средба на претставниците на Коморите од областа на здравството со дел од пратениците  - доктори од собраниската Комисија за здравство. На овој начин докторите ќе истапат со единствени предлози и барања кои се од интерес на докторската професија, без разлика на нивната идеолошка или политичка припадност, и ќе се направи исчекор во напорите да се задржат младите доктори да не заминуваат во странство и да се решат клучните системски прашања со кои се соочуваат докторите во секојдневната практика.             

На состанокот што го иницираше Лекарската комора присуствуваа д-р Мирсада Емини - Асани, претседател на Комисијата за здравство и членовите д-р Бети Рабаџиевска - Наумовска, д-р Маја Морачанин, д-р Катерина Кузмановска, д-р Мери Лазова. На оваа прва ваква средба присуствуваа и претседателот на Стоматолошката комора, д-р Владимир Поповски, претставникот на Фармацевтската комора, Јасмина Патчев, а од ЛКМ д-р Калина Гривчева - Старделова, претседател на Лекарската комора, д-р Илбер Бесими, заменик на претседателот, потпретседателите д-р Игор Дабески и д-р Никола Граматниковски, претседателот на Собранието, д-р Џабир Бајрами и членовите на ИО.             

На средбата која измина во исклучително конструктивна атмосфера беа отворени голем број прашања, меѓу кои и вреднувањето на докторската работа, законот за докторска дејност, правото на дополнителна работа, мрежата на здравствениот систем, концептот на избор на лекар, недостигот на кадар, специјализациите и нивно планирање... Во дискусиите можеа да се слушнат различни мислења и ставови за определени теми, но присутните беа единствени во поддршката на ваквиот начин на работа, со уверување дека  ќе почнат да се решаваат проблемите во здравството кои се таложат со години. Договорена е наредната средба да се одржи до крајот на годинава.  
 
Лекарска комора на Македонија
“Партизански одреди” број 3, 1000 Скопје, Македонија
работно време:
понеделник - петок од 08 до 16 ч.
тел. 02/3239060
тел. 02/3225592
жиро сметка: 200000011464034
факс. 02/3124066
developed by Медиум 3